Блог

Blogpost

Летни совети за здравјето 05/26/2016

Летни совети за здравјето

Кога тргнуваме на одмор, кога сме покрај море или на планина, не смееме да заборавиме на потенцијалните извори на опасности.

Сообраќај

Долгите ноќни патувања и возењето по големите жештини го уморуваат возачот и ја намалуваат неговата концентрација. По 2-3 часа потребно е да направите пауза. Ако одите на некоја подалечна дестинација, по неколку дена возење со паузи, задолжително треба да направите подолга пауза од барем една ноќ и еден ден. Во спротивно, може да се преморите, а за најризичен период се сметаат утринските часови, кога уморот преовладува и многу лесно можете да задремете.

Исто така, не заборавајте дека подолгите возења, ако седите на сончевата страна од автомобилот, можат да доведат до сончев удар (и покрај клима-уредот), па затоа потребни се завеса, капи и чести паузи.

Чекањето во долгите редици, на граница или на наплатните рампи, исто така, можат да го загрозат здравјето на возачот и на патниците, посебно на малите деца. Потребно е да пиете доволно течност и да го замивате лицето, а малите деца редовно да ги преслекувате.

Внимавајте и на клима-уредот, нозете буквално можат да ви замрзнат ако за време на подолгите патувања ви дува без престан.

Никогаш немојте да оставите некого во заклучен автомобил, макар било само за пет минути! Понекогаш луѓето ги оставаат децата и миленичињата „на кратко“ во автомобилот за да купат нешто, да наточат бензин, да платат патарина, но некогаш може сето тоа да се одолжи па тоа време да биде предолго. Тоа важи и за миленичињата, затоа што топлината во автомобилот многу брзо расте и може да го загрози здравјето.

Шетање низ град

Шетањето низ град или по плажа кога е најжешко, исто така, може да биде опасно по здравјето. Може да изгорите од топлото сонце или да имате топлотен удар. Не заборавајте дека освен од директните сончеви зраци, опасноста ве демне и од оние зраци што се одбиваат од стакло, од бетон, од песокот, од водата.

Затоа не излегувајте без шапка или капа, очила за сонце и шише вода, а лицето и деловите на телото што се изложени на сонце намачкајте ги со заштитен крем половина час пред да излезете.

Најважно од сѐ е да не излегувате од 11 до 15 часот, тогаш температурата е највисока, исто како и штетните УВ-зраци.

Исхрана  

За време на летните горештини избегнувајте калорична храна и алкохолни пијалаци. Најдобро е да консумирате повеќе овошје и зеленчук, а од пијалаците најдобро е да пиете вода или природни сокови без шеќер.

Ризични групи

Ве потсетуваме дека жештините се најопасни за старите лица, за оние лица што патат од хронични болести и за мали деца. Нивните организми немаат доволно сила да се борат против екстремната висока температура, па не треба да се изложуваат подолго време сонце.

Влечуги и инсекти

За оние што летуваат на планина или во близина на вода, треба да внимаваат на инсектите и на различните влечуги што можат да се сретнат во тревата. Во тревата има и крлежи, па во случај да ви се закачи крлеж, најубаво е да отидете до најблиската амбулантна за да ви го извади стручнo лице.

На море може да нагазите на морско еже, да се исечете на школка или да допрете медуза, па затоа треба многу да внимавате каде газите.

Скокање во вода

Наглото скокање во вода додека телото е загреано од сонцето може да предизвика шок и грчеви, а во длабока непрегледна вода како река или езеро може да има остри камења од кои можете да се повредите.

Категорија
Тагови
Архива