Блог

Blogpost

Совети од светските патници 09/20/2014

Кога патувате, секогаш може да се случи нешто непредвидено. За да избегнете какви било незгоди, ви пренесуваме совети од неколку светски патници.

Трпението е најважно

Ако не можете да сторите ништо околу одредена ситуација, нема потреба да се нервирате околу тоа. Ако на пример банкоматот во малото гратче каде што се наоѓате веќе нема пари, заминете до следното гратче и истражувајте. Животот е премногу кус за постојано да сте гневни.

 

Станувајте рано

Разбудете се колку што е можно порано, за да можете непречено да ги посетите сите атракции и воедно да ги избегнете гужвите.

Смејте се на своја сметка

Секогаш и секаде ќе направите по некоја грешка, која потоа ќе ви се чини потполно бесмислено. Наместо да сте засрамени, шегувајте се на сопствена сметка. Нема потреба сѐ да сфаќате премногу сериозно.

Носете скриени пари

Каде и да патувате, можно е да се најдете во ситуација во која ќе останете без пари. Затоа е мудро да носите скриена резерва некаде во својот багаж, за секој случај.

Запознајте се со локалните жители

 

Разговарајте со локалните жители, наместо да барате други туристи. Речиси насекаде во светот се зборува барем основна форма на англиски јазик, што ако се комбинира со мимики и говор на телото, ќе ви даде одлични резултати. Локалните жители знаат многу повеќе за местото што го посетувате од кој било друг, затоа е мудро да се консултирате со нив ако имате недоумици.

Направете бекап

 

Кога патувате, направете бекап од лаптопот и од телефонот. Ако ги изгубите или пак ви ги украдат, ќе имате начин како да ги повратите важните податоци. Исто така е мудро да направите дигитална и физичка копија на пасошот и сите други документи неопходни за патување, за да можете полесно да ја поминете процедурата во случај на кражба.

Направете многу фотографии

Не се грижете ако постојаното фотографирање ве прави да изгледате како стереотипен турист. Локалните жители никогаш нема повторно да ве видат, а вие со себе ќе го понесете најдобриот сувенир - многу фотографии, кои нема да ве чинат ништо, а ќе ви овозможат да се навратите на спомените во секое време.

Јадете локални специјалитети

Колку и да мислите дека познавате некоја национална кујна, доколку не сте ги јаделе специфичните специјалитети во таа земја, тогаш не ги познавате. Пробајте ги локалните јадења, за да добиете навистина автентично искуство.

Не планирајте премногу

Направете едноставна рамка за патувањето и потоа препуштете се на искуството. Доколку нешто ви се допаѓа, правете го подолго, во спротивно престанете веднаш, без разлика дали ви се наоѓа на распоредот. Патувањата треба да бидат исполнети со уживање и без какви било притисоци.

Патувајте повеќе

Различните доживувања и искусувањето на различни култури е нешто што ќе го направи вашиот живот побогат. Затоа не размислувајте премногу и започнете да патувате почесто...

Категорија
Тагови
Архива